Низ пеколни 19 месеци минува 19-годишниот Јани Иванов од Неготино и неговото семејство. Откако во јули 2022-та доживува несреќа, капејќи се во Грција, младото момче останува речиси целосно парализирано, а живот му го спасуваат лекарите во солунската болница, објавува ТВ 24.
Додека тој лежи таму, неговите родители 66 денови спијат во автомобил, на болчничкиот паркинг. Лекувањето во странство станува скапо, па Јани го враќаат на лекување назад во Македонија. Тука почнува голготата.
По двомесечно шетање низ македонските клиники, на КАРИЛ, Трауматологија и Козле, родителите на Јани сваќаат дека за лекување на нивното дете во земјава нема услови. Освен големата рана под грбот која ја добил од несоодветните услови тука, кај младото момче нема никакво подобрување. Васил и Донка решаваат да се обидат во странство, а веруваат во државна помош преку Фондот за здравство. Но, тука ги чека уште еден шок.
Родителите не сакаат детето да си го вратат дома како инвалид, туку да го застанат на нозе. Затоа, се решаваат на свој трошок да го сместат во болница во грчка Лариса. Еден месец таму ги чини околу 10 илјади евра. Парите се собираат од донации, а напредокот кај Јани е огромен. Но, донациите ќе секнат, а Фондот за здравство не сака да слушне да го покрие неговото лекување.
Во меѓувреме, поради обврските кон своето дете, Донка ја загубила работата, а Васил добива државна надокнада, која законски им следи, па некако преживуваат. Иако имаат право на суд да ја обжалат одлуката на Фондот, немаат пари за тоа, а ниту еден адвокат не им се понудил за без пари.
Младиот Јани е вљубеник во велосипедизмот. Имал желба да вози тура од Неготионо, до Солун и Воден, па назад. Но, само неколку дена пред да тргне, го задесува несреќата. Дали ова дете повторно ќе добие шанса да седне на велосипед, многу зависи од поддршката на државата.