Најмалку 10 позитивни на Ковид 19 во Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Козле, објави ТВ АЛФА. Една од заболените, која сакаше да остане анонимна се јави во редакцијата на Алфа и потврди дека денеска им стигнале резултатите од Институтот за јавно здравје – тестирани биле 50-тина вработени и пациенти, а кај десетмина се потврдило присуство на вирусот. Неофицијално се работи за 8 вработени и двајца пациенти. Од нив, еден бил доктор, другите медицински сестри и физиотерапевти. Едниот од пациентите бил повозрасен маж на над 70 годишна возраст, вториот маж во средни години. Информацијата за Алфа ја потврди и ќерката на тетовецот кој пред 4 дена беше дијагностициран со Ковид – 19, а лежеше во Заводот во Козле. Вели едниот од позитивните пациенти лежел во истата соба со татко и.
„Еден од заболените пациенти лежеше во иста соба со татко ми. Јас во понеделникот шест часа бев во болницата, освен еден болничар, никој друг од персоналот не носеше заштитна маска ниту ракавици. А не носеа ни пациентите кои доаѓаа во дневната болница“, вели Наташа Апостоловска.
Денеска Заводот работи вообичаено. Алфа беше во кругот на болницата. Вработените се вознемирени од најновите вести дека нивни колеги се позитивни на болеста.
Во моментов во Заводот имало над 30 пациенти. Неофицијално, менаџментот на болницата на вработените им најавил дека Институтот ќе продолжи со работа, оти немале дозвола од надлежните да затворат.
Сомнежот дека во оваа болница има заразени со Ковид – 19 се отвори откако пред четири дена пациент од Тетово кој таму бил хоспитализиран од 9 до 23 март, со симптоми на вирусот бил пуштен на домашно лекување, а по инсистирање на семејството бил тестиран. Тој сега е на инфективната Клиника. Неговата сопруга и ќерка пак, од утрово не се чувствувале добро.
„Од вчера јас и мајка ми имаме симптоми. Сабајлево ни земаа брисеви, бидејќи минатите што ги правевме беа негативни“, вели Апостоловска.
Инаку, надлежните изминативе денови потенцираа дека ако се утврди оти во болницата имало заразени со Ковид – 19, таму ќе работела само амбулантата.