Градежните работи на Коридорите 8 и 10-Д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, ќе ги надгледува компанија на Бранислав Димитријевиќ, лице кое е под истрага во Ерменија и кое на 21 април 2021 година е уапсено во Хрватска врз основа на меѓународна потерница издадена од Интерпол, објави денеска Алсат ТВ, како продолжение на истражувачката сторија што вчера ја објави Призма.

Според објавите, Димитријевиќ е основач на две компании – „Евро консалтинг“, чиј основач е Димитријевиќ, а со која од јуни 2021 година управува неговиот син Зоран Димитријевиќ, додека другата компанија е „Ептиса“, француско-шпански конзорциум, во која, според наводите, таткото Димитријевиќ се јавува како „лидер на тимот“ на компанијата.

ТВ Алсат, како што пренесе 360 Степени, успеала да обезбеди два документи, кои, како што се наведува, се донесени на владини седници.

Според документите, Владата пред околу три години донела одлука со која на сите државни институции и општини им се забранува да ја ангажираат компанијата Ептиса на тендери вредни над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце. Одлуката е донесена на седница на Владата одржана на 24 ноември 2020 година. Во оваа информација, според документите до кои дошла ТВ Алсат, стои потписот на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, сега обвинет во аферата Софтвери за кој во тек е судска постапка.

Десет недели подоцна, односно на 9 февруари 2021 година, Министерството за финансии е известено дека Владата донела одлука за укинување на одлуката одобрена на 24 ноември 2020 година, а институциите заедно со општините сега можат да доделуваат тендери со вредност над 1 милиони евра на фирмата на обвинетиот од ерменските власти – „Ептиса“.

Од Јавното претпријатие за државни патиштита, за ангажманот на „Ептиса“, велат:

„Изборот помина на управна контрола, а до Државната комисија за жалби беа упатени две жалби, но институцијата ги одби. Постапките за избор беа во согласност со сите законски и подзаконски акти за јавни набавки и сè беше транспарентно од самиот почеток“.

Владата, посочува ТВ Алсат, нема одговор за причините за укинување на одлуката од 24 ноември 2020 година.

Според документ кој се однесува на Бранислав Димитријевиќ, Амбасадата на Република Македонија во Загреб, Хрватска, на 23 април 2021 година ги известила Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи во Скопје дека три дена претходно, односно на 21 април 2021 година, македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ е уапсен од хрватските власти и оти се наоѓа во екстрадициски притвор во Осиек.

Тој е обвинет од ерменското обвинителство дека „создал организирана група со македонските државјани Владимир Сарафов, Миле Миленкоски, Стево Симски, Зоран Спирев, бугарскиот државјанин Филип Спирев и украинскиот државјанин Володимир Столјарчук.

Целата статија за овој скандал може да ја прочитате ТУКА.