На скопскиот аеродром синоќа бил приведен Владимир Тодоровиќ, поранешен градоначалник на скопската општина Центар и сопственик на синџирот маркети Тинекс.

Во акцијата се приведени уште 10 лица поврзани со предметот на поранешното СЈО Око, објавија дел од медиумите.

На граничниот премин Табановце утрово бил приведен и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев.

Неофицијално овие приведувања се поврзани со проектот Скопје 2014, односно поради сомневања за перење пари при набавка на опрема за мостот Око.

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал вчера во Скопје уапсиле пет лица за злоупотреба на службена должност и за перење пари.

– Вчера (29.06.2023) во попладневните часови и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по налог на ОЈО ГОКК, а со наредба на судија на претходна постапка, лишени се од слобода пет лица во врска со чл.273 ст.5 и чл.353 ст.5 од Кривичниот законик, информираат од МВР.

Според Кривичниот законик, член 273 се однесува на перење пари, а член 353 за злоупотреба на службената положба.

Дел од медиумите објавија дека меѓу уапсените се и сопственикот на „Тинекс“ и поранешен градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ и поранешниот функционер во истата Општина Владимир Здравев за предметот за проектот „Скопје 2014“.

Лицата се приведени и задржани во полициска станица и во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.

За денеска во 13 часот прес-конференција има најавено и Јавното обвинителство.