Бугарија не поставува нови услови за европската интеграција на РС Македонија, но инсистира на исполнување на веќе преземените обврски од неа во преговарачката рамка усвоена лани, истакнал бугарскиот претседател, Румен Радев на синоќешната промоција на книгата „Борбата на македонските Бугари за права и самостојност – 68 случаи од периодот 1944-1994 година“.

Според бугарските медиуми, вака тој одговори на пораките кои доаѓаат од Скопје дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е последниот бугарски услов. Потсетил дека сите услови биле ставени во преговарачката рамка што минатата година ја усвои Советот, а која укажа на промени во учебниците по историја, суспендирање на говорот на омраза и заедничките прослави.

-Ако ја погледнеме модерната историја, по 1989 година, големата грешка на Бугарија е што не го покрена прашањето за Бугарите во Македонија, нивната состојба и права, рекол претседателот.

Според Радев, тогаш Бугарите во земјава не постоеле во агендата на бугарската надворешна политика.

-Ако ги погледнеме документите, ги нема во Декларацијата за добрососедство и пријателство од 1999 година, ги нема во Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година, ги нема во Националната рамковна позиција од 2019 година. Бугарија наметна сосема оправдано вето за почеток на преговорите за членство на крајот на 2020 година, Бугарите во РСМ и нивните права исто така не беа дел од причините, изјавил шефот на бугарската држава.

Тој додал дека, во исто време, расте притисокот врз Бугарија да ги отвори вратите за почеток на преговорите.

-Речиси секој ден имав повици од европски лидери, од лидери на европски институции, од државници преку океанот да ги отворам вратите и да го укинеме ветото што е можно поскоро, информирал Радев.