Во вчерашното пукање во населбата Бутел, убиен е Камер Идризи, истото лице во кое беше пукано и во 2019 година во престрелката во скопскиот хотел Александар Палас.
Синоќа Идризи во за него критичниот момент бил во возило марка „голф 7“ на паркингот кај раскрсницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски Карпош“, кога кон него и неговиот помал внук кој бил со него во автомобилот рафално биле испукани неколку десетици куршуми од автомобил во движење. 24-годишниот внук на Идризи има прострелни рани и се наоѓа на КАРИЛ.
Како што информираат од МВР, во СВР Скопје синоќа околу 21:30 часот било пријавено дека на паркингот кај Бутел се случила престрелка со огнено оружје.
Идризи и е познат на полицијата по пукањето во „Александар палас“ пред две години. Тогаш напаѓачите со автоматско оружје и фантомки на лицето упаднаа во хотелот, а поголеми последици врз нападнатите за кои се знае дека се од скопско Грчец, спречил полицаец во цивил кој во моментот седел на иста маса со нападнатите и во самоодбрана пукал во напаѓачите.
– Вчера на паркинг на подрачјето на Чаир, каде било паркирано патничко возило „фолксваген голф 7“, со скопски регистарски ознаки, а во кое биле возачот Л.П.(24) од Скопје и сопатникот К.И.(43) од Скопје, неколку лица со огнено оружје испукале проектили кон возилото. К.И. починал на самото место, а Л.П. бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. – велат од МВР.
Лицата кои пукале се непознати, а за случајот сеуште нема осомничени. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Идризи кој беше убиен, а кој има криминално досие е виден на повеќе слики со функционери од власта.
– Идризи е виден на повеќе слики со функционери од СДСМ, како што е Оливер Спасовски, Мухамед Зекири, Стево Пендаровски. Невозможно е секојдневно овие луѓе да биле во друштво на одредени криминалци. Ова е потврда дека државата ја води крими мафија. – изјави Димче Арсовски- портпарол ВМРО-ДПМНЕ.