Три земји од Европската унија потврдија дека во Македонија која очекува датум од ЕУ се врши политички прогон.
Поради тоа Шведска, Грција и Унгарија одбиваат на Македонија да и ги испорачаат четирите лица кои се бараат со потерница од властите во Скопје. Станува збор за Никола Бошковски и Горан Грујевски кои се во Грција, Дејан Давидовски во Шведска и поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија.
Четири меѓународни потерници за овие лица, распишани од полицијата на Зоран Заев и Оливер Спасовски – трите членки на ЕУ одбиваат да ги испорачаат со образложение дека бараните бегалци се жртви на политички прогон што го спроведува власта во Македонија.
И така во 21 век Македонија станува единствената држава во Европа која има четворица политички азиланти, меѓу кои и поранешен премиер.
И покрај блиските врски на Заев со претходната грчка власт, Грција повеќе од две години одбива да ги испорача двајцата бегалци, како и Унгарија. Во екот на криминалната афера „Рекет“ и Шведска која го има едно од најнезависните судства во светот го одби барањето од македонските државни органи за екстрадиција на Дејан Давидовски, обвинет за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Давидовски беше уапсен во Шведска во април годинава по потерница на Интерпол. Според шведскиот суд Дејан Давидовски е гонет и треба да биде суден во политички, а не во криминален процес и не постојат доволно докази за дело тероризам. Крајната оценка е дека за овој предмет не се води фер и законски основана постапка. Поради тоа судот во Шведска му препорачува на Дејан Давидовски да поднесе барање за азил за да не биде и понатаму цел за политички прогон од Македонија.
На 20 ноември лани политички азил во Унгарија доби и поранешниот премиер Никола Груевски.