Раководното тело на европскиот фудбал УЕФА денеска остро ја критикуваше одлуката на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) да му го укине црвениот картон на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун за да може да настапи на вечерашниот осминафинален натпревар на Светското првенство против Белгија, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, побара од ФИФА да го разгледа случајот.
УЕФА соопшти дека светската фудбалска организација „ја минала црвената линија“ и го нарушила интегритетот на играта.
„Изразуваме неверување во врска со оваа досега невидена, неразбирлива и неоправдана одлука. Кога чуварите на правилата повеќе не можат да гарантираат нивна доследна примена, интегритетот на играта е доведен во прашање, а кредибилитетот на натпреварувањето е поткопан“, соопшти УЕФА.
Одлуката на ФИФА предизвика запрепастеност во Белгија, а кон критиките се приклучи и Европската комисија.
„Многу фудбалски навивачи, вклучувајќи и поранешните фудбалери, веќе ги искажаа своите мислења во врска со суспензијата на Балогун. Како гледач, верувам дека тоа е погрешна одлука. Сепак, секогаш сум бил јасен дека одлуките во врска со спортските правила и прашањата поврзани со спортот треба да им се остават на спортските тела, а не на политичарите. Влијанието врз спортските одлуки ќе ја поткопа автономијата на спортот“, напиша еврокомесарот за меѓугенерациска праведност, млади, култура и спорт Глен Микалеф на социјалната мрежа Икс.
Осминафиналниот натпревар на Светското првенство меѓу домаќинот САД и Белгија е закажан за ноќта меѓу понеделник и вторник со почеток во 02 часот по средноевропско време во Сиетл. (МИА)




