Врнежите од дожд во текот на денов во Македонија ќе преминат во снег на повисоките места, а преку ноќ и на пониските места.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно и студено време со магла по котлините, информира Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).
Според прогнозата на УХМР, денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд, услови за локална појава на замрзнат дожд, а на планините со врнежи од снег. Во текот на денов почнувајќи од северните делови врнежите од дожд на повисоките места ќе преминуваат во снег. Во ноќните часови врнежи од снег се очекуваат и во некои пониски места. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 11 степени.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно и студено време со магла
по котлините. Минималните температури до петок ќе се спуштат до минус седум односно минус шест степени, а максималните до пет односно осум степени. Во петок попладне и во сабота се очекуваат локални врнежи од дожд. Дневната температура од сабота ќе биде во пораст.