Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со појава на град. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во западните делови ќе дува слаб до умерен, повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 33 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 30 степени.

До петок под влијание на серија на влажни и нестабилни воздушни маси, времето ќе биде променливо облачно и наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме проследено со силен ветер и изолирана појава на град. Во петок ќе има пообилни врнежи од дожд. Поради продор на постудена воздушна маса од север температурата значително ќе се намали, информираат од УХМР.

Во Штип наврнале 18 литри дожд на квадратен метар, денеска услови за невреме и град

Најмногу дожд во изминатите 24 часа до 8 часот утрово е измерен во Штип, каде наврнале 18 литри на квадратен метар, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според измерените количини на дожд на дождомерните места на УХМР, во Куманово се наврнати 14 литри на квадратен метар, во Скопје-Петровец 11, во Струмица 10, а во Скопје-Зајчев Рид осум литри на квадратен метар.

Во Берово се измерени седум литри на квадратен метар, по четири литри во Крива Паланка, Прилеп, Виница, Крушево и на Попова Шапка, додека по три литри се регистрирани во Претор, Битола, Демир Капија, Кавадарци и Тополчани. Во Гевгелија и Пожаране се измерени по два литри на квадратен метар.

Од УХМР посочуваат дека поради локалниот карактер на атмосферските процеси, количината на воден талог може значително да варира и на одделни места да биде многу поголема од измерената.

За денеска се прогнозира променливо облачно време со сончеви периоди и повремени врнежи од дожд. Наместа ќе има локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од земјата се очекуваат услови за невреме со појава на град.

Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено и силен ветер со брзина над 60 километри на час. Максималната дневна температура ќе се движи од 26 до 33 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и умерен, повремено засилен северен ветер. Во делови од котлината ќе има повремени врнежи од дожд и услови за локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и ветер, а температурата ќе достигне до 29 степени.

Фото: Архива