Украина одобри извоз на дронови во САД, кои ќе учествуваат во програмата за симулација на борби, организирана од Пентагон.
Според неименуван извор, шест украински компании добиле дозвола за извоз на приближно сто дронови. Ниту Украина ниту САД официјално не коментираа.
Украина и САД исто така преговараат за поширок нацрт договор за украинските дронови, а и други држави се заинтересирани да набават украински дронови за тестирање.
Украина веќе потпиша договори за беспилотни летала со неколку европски и земји од Блиски Исток. Исто така, Киев ги ублажи ограничувањата за извоз на оружје и покрај војната со Русија, иако владата продолжува внимателно да го следи оружјето што се испорачува во странство.
Програмата „Доминација со беспилотни летала“ ((Drone Dominace) на Пентагон е натпревар, во кој мали дронови за напад од десетици различни производители мора да одговорат на предизвици дизајнирани да симулираат ситуации на бојното поле во реалниот свет.
Во првиот круг од натпреварот победи дронот заеднички произведен од украинската компанија „Скајфол“ (Skyfall) и британската компанија „Скајкатер“ (Skycutter).
МИА




