Украинската претставничка за Крим, Тамила Ташева, денеска укажа на се почестото кршење на човековите права на Крим, 10 години откако Русија го анектираше тој полуостров на Црното Море.

– До 24 февруари, окупаторските сили незаконски приведоа 208 лица, меѓу кои 125 кримски Татари, изјави постојаната претставничка на украинскиот претседател на Автономната Република Крим.

Таа ја критикуваше и „колонизацијата“ и „целосната русификација“ на тој регион.

Рускиот претседател Владимир Путин ја запечати анексијата на Крим на 18 март 2014 година, откако претходно распореди војници без видливи воени ознаки кои пристигнаа на Крим по соборувањето на прорускиот претседател Виктор Јанукович.

Ташева предупреди на влошување на човековите права, особено на кримските муслимани Татари кои некогаш имаа свој парламент.

Според неа, околу 70.000 жители на Крим го напуштиле полуостровот, додека, според различни проценки, меѓу 500.000 и 800.000 Руси се населиле на Крим.

Руската статистика не покажува толку голем пораст на руската популација. Според официјалните руски податоци, на Крим живеат 100.000 повеќе луѓе во споредба со украинската статистика пред анексијата.

Според Ташева, мир може да се постигне само ако Украина го врати Крим и другите области под руска окупација. Таа рече и дека не верува оти Русија ќе ја реализира нуклеарната закана.

Фото: Фејсбук