Загинаа најмалку пет лица, од кои две деца, во источниот регион на Доњецк во руската офанзива, информираше денеска гувернерот Павло Кириленко.

Меѓу жртвите се деветгодишно девојче и момче на возраст од 14 години, објави Кириленко на Телеграм.

Покрај ова, во руските напади на украинските железници во регионот на Виницја, ранети се 18 лица, соопшти локалното Обвинителство.

Русија соопшти дека со високо прецизни ракети уништила шест железнички постројки, користени за испорака на оружје на украинските сили во Донбас.

Експлозија на проектил утринава предизвика пожар на железничката станица Крансе во близина на Лавов, во западниот дел на Украина, според гувернерот на регионот. Нема податоци за жртви и повредени.

Претходно денеска, Украинската воена команда објави дека Русија се обидува да бомбардира украински железници, со цел да ја наруши испораката на оружје од странство.

Директорот на украинските железници, Олександер Камишин истакна дека руските сили систематски ја уништуваат железничката инфраструктура.