Украинскиот амбасадор во Германија, Олексеј Макеев побара дополнителна помош за неговата земја за одбрана од руската инвазија, јави ДПА.
– Мирот не паѓа од небо. Мора да се борите за него. А ние, Украинците, го правиме ова во име на сите Европејци, рече тој во интервју за весниците од „Функе“, што ќе биде објавено денеска.
Украинците би поздравиле „повеќе храброст и решителност од сојузниците и партнерите“, нагласи Макеев.
„Целосно ослободување на нашата земја од руските окупатори, враќање на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, враќање на нашите сонародници во своите домови, обнова и напредок кон ЕУ и НАТО“ се меѓу целите за 2023 година кои Макеев ги опиша во интервјуто.
Тој го повтори барањето за дополнителни резерви на оружје „за да се спасат уште повеќе цивили во Украина“.
Запрашан за можното решение на конфликтот, амбасадорот Макеев го наведе планот од десет чекори на претседателот Володимир Зеленски, чија „формула за мир“ вклучува целосно повлекување на руските трупи од украинска територија, ослободување на заробените војници, судење за руските воени злосторници и гаранции за безбедноста на неговата земја – барања кои Кремљ ги одбива, посочува ДПА.