Извештајот на Европската комисија за владеење на правото, кој е објавен денеска, е „апсурден и неточен, и не може да биде основа за подлабока расправа во ЕУ“, оцени унгарската министерка за правда Јудит Варга.
– Концептот и методологијата на извештајот се несовршени, тие се извор на небалансираност, а содржината е неоснована, напиша Врага на својот Фејсбук профил, реагирајќи на извештајот на ЕК, во кој се критикува Унгарија поради загрозување на независноста на правосудството.
За таа чувствителна тема ќе се расправа на претстојниот самит на ЕУ, утре и задутре, а Унгарија се закани дека ќе го блокира планот за закрепнување на ЕУ, бидејќи најавените субвенции ја поврзуваат со владеењето на правото во членките на Унијата.
Во извештајот се споменува „длабока загриженост“ за независноста на судството во Унгарија, но и во Полска, Бугарија, Романија, Хрватска и Словачка. Варга изјави дека е „неприфатливо“ извештајот на ЕУ да го составуваат организации од меѓународна мрежа, која е „ангажирана во координирана кампања против Унгарија“, односно 11 граѓански организации, финансирани од Џорџ Сорос.
Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан постојано го обвинува американскиот милијардер со унгарско-еврејско потекло дека манипулира со европските институции, со цел да предизвика промена на власта во Унгарија.