Унгарскиот парламент денеска и одобри на Владата да распише референдум за прашањата на ЛГБТ заедницата, а критичарите на владата велат дека тоа дополнително ќе ги загрози правата на тоа малцинство.

Парламентот, во кој мнозинство има владејачката национал-популистичка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан, денеска изгласа четири референдумски прашања поврзани со програмите за сексуално образование во училиштата и достапноста на информации за промена на полот, пренесува Бета.

Едно од прашањата ќе се однесува и на медиумските содржини, односно „дали тие влијаат врз развојот на малолетниците“.

Пратениците од опозицијата беа воздржани.

Владата претходно најави дека ќе иницира референдум по бунтот поради усвојувањето на закон со кој се забранува „прикажување или промовирање“ на хомосексуалност или промена на пол во содржини достапни за малолетници.