Уништени се две хемиски гранати со боен отров во текот на вчерашниот ден на армискиот полигон Криволак, соопштија на денешната прес-конференција, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов и Ѓорѓи Стефанов, пиротехничар во Дирекцијата.

Двајцата укажаа дека евентуалната нивна експлозија во неконтролирани услови може да предизвика штетни па дури и фатални последици по здравјето на луѓето кои би се нашле во нивната близина.

-Артилериските гранати од 75 милиметри од Првата светска војна кога би се активирале, целта не е силна експлозија, туку ослободување и ширење на токсични агенси во околината. Оваа граната предизвикува изгореници на кожа, на очи и на бели дробови, ефектот врз луѓето во зависност од агенсот – печење и солзење на очи, кашлање, гушење, отежнато дишење. Симптомите се јавуваат понекогаш и со задоцнување. Дури до 72 часа откако ќе експлодира, не е препорачливо да се враќа на местото на настанот – изјави Стефанов.

Едната од уништените гранати била најдена во село Крклино, на влезот од Битола, а другата во атар на село Кременица на македонско-грчката граница, исто така во битолскиот регион. Двете биле пронајдени во ниви.

Вчера биле уништени на армискиот полигон во Криволак од страна на пиротехничарот Стефанов и двајца припадници на МВР од Единицата за антитероризам. Присутни на вчерашното уништување на двете хемиски гранати биле и припадници на Армијата со нивно санитетско возило, како и пожарникари од Противпожарната служба во Неготино.

Пред нова година биле уништени уште две гранати од истиот вид.

-Тие две гранати беа пронајдени на брегот од Преспанското Езеро – потсети пиротехничарот Стефанов, кој подвлече дека експлодирањето на вакви гранати предизвикува труење и гушење и може да има фатални последици.

Во зависност од хемикалиите, истакна тој, може да дојде и до парализа и до изгореници, ефектот од експлодирање на вакви гранати може да биде и подолготраен и да зафати пошироко подрачје.

Директорот на ДЗС Ангелов, воедно апелираше до граѓаните на внимателност.

-Граѓаните кога ќе пронајдат гранати, бомби, пушки, муниција и слични оружја од минатите војни, во природата или пак и во урбани населби, да не ги поместуваат, туку веднаш да се јават на Единствениот повикувачки број за итни случаи – 112, по што Дирекцијата за заштита и спасување соодветно и согласно стандардните оперативни процедури ќе ја отстрани опасноста – дециден беше Ангелов.