Доминик Тим се пласираше во финалето на овогодинешниот УС Опен, откако го победи Даниил Медведев во три сета 6-2, 7-6 (7), 7-6 (5).

Австриецот покажа силни нерви и успеа да го скрши отпорот на својот противник за 2 часа и 50 минути. Русинот има за што да жали, бидејќи во поголемиот дел од мечот беше играчот кој водеше во резултатот, но во одлучувачките моменти направи необјасниви грешки, кои во голема мерка му ја донесоа победата на неговиот противник.

Тим стигна до своето четврто Гренд слем финале, а за прв пат ќе игра во финалето на терените во Њујорк. Тој стана и првиот Австриец што стигнал до оваа фаза на УС Опен.

Во битката за трофејот ќе се соочи со Александар Зверев, кој запиша драматична победа со 3:6, 2:6, 6:3, 6:4, 6:3 против Пабло Карењо-Буста во другото полуфинале.