Дарко Јаневски

Една од најфацсинантните приказни во Новиот завет е воскресението на Лазар, чиј ден го славиме денеска како Лазарева сабота. Истовремено, ова е една од приказните која им создава најмногу главоболки на научниците. Имено, ја има само во Евангелието по Јован, кое е последно напишано и се датира некаде по 90-та година. Прашањето е зошто настан со вакво значење го нема во претходните три евангелија – најрано напишаното по Марко, а потоа и во тоа по Матеј и Лука.

Сите евангелијата се напишини од анонимни лица, а нивните титулари се додадени 100-тина години подоцна, околу 180-та година. Но, ако прифатиме дека нивни автори навистина биле Марко, Матеј и Лука (како и Јован), тогаш треба да прифатиме и дека Марко како пријател на Петар, го пишувал евангелието врз основа на негови кажувања и сведоштва, дека Матеј е еден од апостолите, што значи непосреден учесник на многу настани, а дека извор на Лука бил неговиот пријател Павле. Во тој случај, практично е невомозжно дека тие не ја знаеле или не ја чуле приказната за Лазар. Посебно што таа е од такво значење. Зошто тогаш ја нема во трите евангелија?

Од друга страна, ја има во последно напишаното евангелие, за кое пак, нема никаков доказ дека е напишано од апостол Јован, уште еден од групата сиромашни рибари кои биле следбенци на Исус, што значи, изворот на приказната е „најтенок“. Дали тогаш таа навистина се случила, односно дали е измислена?

Лазар, и неговите сестри, Марија и Марта, се пријатели на Исус. Јован е изречен дека „Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара“. Сестрите на Лазар праќаат абер до Исус дека Лазар  е болен, тој дознава, но сепак, не тргнува веднаш од Галилеја до Јудеа каде живее Лазар, туку како што вели Јован: „А кога чу дека е болен, тогаш остана два дена во местото, каде што се наоѓаше“. Зошто Исус чека уште два дена откако дознава дека Лазар е болен и го остава да умре?

Од теолошки аспект гледано, ова прашање е лесно решливо. Самиот автор на Евангелието по Јован вели дека тоа го направил свесно, за да може да го воскресне и да направи уште едно чудо со кое ќе ги увери сите во неговата божја моќ, која во претходните три евангелија, во текот на неговиот живот, речиси и да не се споменува. Наспроти тоа, Јован инсистира на тоа дека тој е божество и оваа приказна е дел од тој комлекс.

Потоа Исус оди до домот на Лазар, веќе е четврти ден како тој е во гробот и го воскреснува.

Мистеријата сепак останува. Научниците немаат објаснување зошто Марко, Матеј и Лука ја немаат приказната. Од друга страна, на пример, го имаат воскреснувањето на ќерката на Јаир (тука има друг проблем: кај Матеј, ќерката е веќе умрена кога му кажуваат на Исус – ќерка ми умре, вели Јаир – кај Марко и кај Лука таа е жива. но е „на умирање“).

Една од претпоставките која ја пласираат тие кои се обидуваат да најдат објаснување за тоа зошто Лазаровото воскресение го нема во првите три евангелија, е дека Марко е тој што ја испуштил приказната затоа што време кога е пишувано евангелието по него (по 60-та година) учесниците во настанот биле уште живи, па постоел страв дека со нивно објавување ќе им  бидат загрозени животите. Нема податоци за тоа што се случувало со Лазар и неговото семејство по смртта на Исус, па оттука нема податоци ни колку долго живееле тие, но сепак, ова е едно од можните обајснувања.

Се смета дека евангелијата по Матеј и Лука се напишани по 70-та година, неко научници ги датираат меѓу 80-та и 85-та година, па овие датуми не кореспондираат со тоеријата дека во првите три евангелија воскреснуавњето на Лазар не е напишано заради тоа што биле живи. Но од друга страна, некои научници даваат други податоци за датирањето.

Така, на пример, велат дека е јасно дека „Делата апостолски“ се напишани за време на животот на Павле, бидејќи завршуваат со неговото затворање во Рим. Што значи, тие се напишани најдоцна до 64 година од н. е. Бидејќи Делата се втор том од работата на Лука, Евангелието именувано по него, како прв том, е напишано порано, некаде околу 60-62 година од н. е. Со оглед на тоа што Евангелието по Марко, тука нема дилеми кај сите научници – и скептиците и оние другите – е прво напишано и служело како извор за евангелијата по Матеј и Лука, јасно е дека датумот на неговото пишување се спушта пред 60-та година од нашата ера. Ако Исус бил погубен во 30-та година (широко распострането уверување кај научниците) тогаш релативно лесно е да се прифати тврдењето дека овие три евангелија ја немаат приакзната на Лазар заради опасност по неговиот живот и животот на неговите сестри, бидејќи Арко бил напишано 25-30 години по смртта на Исус, а другите две неколку години подоцна, но со оглед на фактот што ја нема кај Марко, ја нема и кај нив.

Сеопак, ова е само мислење. Нема дополнителни индиции, кога веќе не може да има докази, кои би го потврдиле. Па оттука, останува дилемата и мистеријата зошто Лазаровото воскресение го има само кај Јован, а не и во првите три евангелија. И оттука и дилемата дали таа приказна има допир со реалноста или останува само на тоа да верувате.