Македонецот Мартин Саздов од Свети Николе, познат во е-спортот под псевдонимот Сакса (Saksa) заедно со неговиот тим Тундра го освои првото место на светското првенство во видео играта Дота 2 кое годинава се одржува во Сингапур.

Со три последователни победи во финалето кое се игра во форматот на 3 добиени рунди (Best of 5) тимот на Тундра доминираше во финалето над тимот на Сикрет.

Фондот за награди на годинашното светско првенство во Дота 2 изнесува 18,5 милиони долари. Шампионскиот тим за кој игра Мартин Саздов – Сакса е предвидено да добие награда од безмалку 8,5 милиони долари.

Инаку, Мартин Саздов е највисокиот играч кој се натпреварува во оваа категорија на е-спорт. Висок е 2 метри и 3 сантиметри и е првиот Македонец кој се натпреварувал на официјалните светски првенства во Дота 2.

(М.П.)