Потпретседателката на САД и демократска кандидатка за претстојните претседателски избори, Камала Харис, денеска им изјави на новинарите дека гласала на изборите, така што неодамна го пополнила гласачкото ливче и го испратила во Калифорнија, каде што е регистрирана како гласач.
-Всушност само го пополнив моето гласачко ливче и го испратив по пошта.Така што, јас гласав, им рече Харис на новинарите во Детроит, објави Си-Ен-Ен.
На прашањето дали гласачкото ливче е вратено, таа рече дека нејзиното гласачко ливче е на пат за Калифорнија и дека ќе му верува на системот дека таму и ќе стигне.
„Вашиот глас е ваша моќ“, потенцира таа на платформата Х, потсетувајќи дека изборите ќе се одржат утре на 5 ноември.
Изборниот штаб на Трамп уверен во победа во шест од седум клучни држави
Луѓето околу Трамп тврдат дека поранешниот претседател ќе освои шест од седумте клучни држави, јави Би-Би-Си додавајќи дека тоа можеби е причината зошто Харис одржува митинзи таму каде што Трамп обично не победува.
Трамп во петокот одржа митинг во Вирџинија, држава каде што загуби со голема разлика во 2016 и 2020 година. Неговиот потпретседателски кандидат Џеј-Ди Венс вчера застана во Њу Хемпшир, држава за која советниците на Трамп велат дека е „во игра“ и покрај фактот што анкетите покажуваат дека Камала Харис таму води со неколку процентни поени.
Најновата анкета на Њујорк Тајмс сугерира дека станува збор за мртва трка. Речиси секоја т.н Свинг државата е во рамките на маргината на грешка, а новата анкета во Ајова, каде Трамп победи во 2016 и 2020 година, покажува дека Харис таму можеби има неочекувано водство.
Извор од изборниот штаб на Трамп ја нарече анкетата во Ајова чудна и збунувачка. Се чини дека тоа не им го наруши нивното верување дека таму победуваат, коментира Би-Би-Си.
Харис: Ќе направам се што е во моја моќ да ја прекинам војната во Газа
Ќе направам се што е во моја моќ да ја прекинам војната во Газа, рече потпретседателката на САД и демократска кандидатка за претстојните претседателски избори Камала Харис на митингот на Државниот универзитет во Мичиген во Ист Лансинг.
Како што јави Би-Би-Си, оваа порака не случајно била испратена во Мичиген, кој има најголемо арапско-американско население во САД.
Доналд Трамп во петокот водеше кампања во најголемиот град со арапско мнозинство – Дирборн. Со пораки тој го искористи гневот на дел од арапско-американското население, критикувајќи го начинот на кој демократите се справуваат со конфликтот на Блискиот исток и финансиската поддршка за Израел.