Автобусите на ЈСП утре ќе возат само неколку часа, кажаа вечерва претставниците на Синдикатот по одржаниот состанок. Како што соопшти Миќо Стојановски, еден од претседателите на Синдикатот на ЈСП, автобусите на ЈСП ќе возат од 4:30 до 9 часот, за да им се излезе пресрет на граѓаните да може да стигнат до своите работни места.

Потоа возилата ќе бидат паркирани во базните станици, а Скопје ќе остане без јавниот превоз од главниот превозник. Вработените, пак, ќе одат на седницата на Советот на Град Скопје, на која ќе се одлучува за нивната и судбината на претпријатието.

Бојкотот на вработените во ЈСП беше најавен уште пред неколку дена, бидејќи тие сè уште не ја примиле декемвриската плата.

Прашан доколку утре се донесе одлуката за субвенции на седницата на Советот на Град Скопје, дали истиот ден ќе биде воспоставен повторно јавниот превоз, тој посочува дека и доколку се донесе таа одлука, нејасна е процедурата оти не се знае кога ќе биде исплатена плата.

-Доколку одлуката се донесе в понеделник, во разумно време, за парите да можат да легнат на сметката на претпријатието, во вторник ќе има јавен превоз. Во спротивно, автобусите на ЈСП нема да возат ниту во вторник – вели првиот синдикалец во ЈСП.

Тој потсетува дека одлуката за субвенциите на ЈСП досега трипати била на седница на Советот, и трипати била „ескивирана“.

За можноста да биде пуштен по еден автобус на сите линии, за превоз на учениците, бидејќи стартува второто полугодие, првиот синдикалец во ЈСП, Миќо Стојановски денеска изјави дека ќе се договара на вонредниот состанок со претставници на ЈСП, закажан за доцна попладнево.

-Поради бројни јавувања од родители и здруженија на пензионери треба да одлучиме дали ќе се пушти по еден автобус на сите линии за нивен превоз – потенцираше Стојановски.

Тој додаде дека ќе им се придружат и приватните превозници, бидејќи дел од субвенциите ќе бидат и за нив.