Велика Британија денеска со приватни почести без јавна церемонија ќе ја одбележи првата годишнина од смртта на кралицата Елизабета Втора, која владееше 70 години, а чиј престол го наследи нејзиниот син, Чарлс Трети.

Кралицата Елизабета Втора (96) почина на 8 септември 2022 година во нејзиниот замок Балморал во Шкотска, каде традиционално летуваше.

Потоа започна период на национална жалост во кој стотици илјади Британци чекаа со часови да и оддадат последна почит на кралицата и да се поклонат пред нејзиниот ковчег. Една година подоцна, ниту еден голем јавен настан не беше планиран за комеморација.

– Со голема наклонетост се сеќаваме на нејзиниот долг живот, нејзината посветена служба и сето она што таа значеше за многумина од нас. Исто така, длабоко сум благодарен за љубовта и поддршката што ни ја покажувате на мојата сопруга и мене оваа година, бидејќи правиме сè што можеме за да ви служиме на сите вас, истакна кралот Чарлс Трети во снимена порака.

Според неодамнешната анкета, Кралот Чарлс е помалку популарен од неговата мајка односно 59 отсто од Британците веруваат дека кралот добро си ја врши работата, додека 17 отсто го мислат спротивното. ми/