Премиерот Зоран Заев в сабота во 17 часот во Владата ќе одржи средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според владини извори, Заев и Мицкоски ќе имаат консултации за техничката влада.
Согласно законот, опозицијата мора да дојде на консултација за предлогот за министер за внатрешни работи и тој да биде прифатен од власта (двете најголеми партии).
На лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, беше договорено на 12 април да се одржат предвремени парламентрани избори. Согласно процедурата, на 90 дена пред изборите треба да се формира техничката влада или во случајов тоа треба да се случи на 3 јануари.
Премиерот Заев во синоќешното интервју на ТВ „Алсат-М“ изјави дека во 2020 година ќе има избори, но дали тие ќе се одржат на 12 април ќе зависи од пристапот на опозицијата кон Собранието.
Заев и претходно изјави дека изборите може да бидат одложени сè додека опозицијата во Парламентот ги блокира законите од кои зависат платите, пензиите и инвестициите.
Собранискиот спикер Талат Џафери денеска информира дека владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнала договор да бидат усвоени сите законски предлози од 123. собраниска седница, кои се врзани со примена од 1 јануари.