Легендата на кантри-музиката, Доли Партон прилагоди една од своите балади, опевајќи ги вакцините против коронавирусот пред да ја добие својата прва доза на „Модерна“.

„Вакцина, вакцина, вакцина, вакцина, ве молам, ве молам, не двоумете се. Вакцина, вакцина, вакцина, вакцина, бидејќи откако ќе умрете, ќе биде малку доцна“, отпеа кантри-ѕвездата која е на средината од своите седумдесетти.

Партон, инаку, помогна во финансирањето на вакцината на „Модерна“, дарувајќи му милион долари на Медицинскиот центар при Универзитетот Вандербилт во Нешвил, Тенеси, САД.

– Толку возбудена. Чекав толку време! Јас сум доволно стара за да се вакцинирам и доволно паметна за да го направам тоа, им рече пејачката на обожавателите на видеото објавено од Универзитетот.

Така, таа ги повика и другите да се вакцинираат.

– Се обидувам да бидам забавна, но сериозна во врска со вакцината. Мислам дека сите сакаме да се вратиме во нормала, што и да значи тоа. Вреди, ако зависи од една инјекција. Како и да е, сакав само да ги охрабрам сите, бидејќи колку побрзо се чувствуваме подобро, толку побрзо ќе се вратиме во нашата нормална состојба, истакна таа.

Кантри-ѕвездата е уште една во низата славни личности која се вакцинираше јавно пред камери, по Елтон Џон, Мајкл Кејн, Дејвид Атенбороу и други.