Поранешниот долгогодишен холандски репрезентативец Рафаел ван дер Варт (38) изјави дека со многу емоции го проследил последниот настап на неговиот врсник Горан Пандев во црвено-жолтиот дрес, нарекувајќи го „македонскиот Јохан Кројф“.

Пандев како рекордер според бројот на настапи (122) и постигнати голови (38) во македонската репрезентација во понеделникот против Холандија на ЕУРО2020 се збогуваше од националниот дрес, испратен со стоечки овации на стадионот „Јохан Кројф“ во Амстердам и специјален дрес од холандската репрезентација со бројот 122.

– Тоа беше прекрасен гест. Се наежив и ми се насолзија очите. Мислам дека беше прекрасно што еден таков голем играч доби такво испраќање, изјави Ван дер Варт, кој е стручен коментатор на холандската национална телевизија „NOS“ за ЕУРО2020.

Споредувајќи го Пандев со најдобриот холандски фудбалер на сите времиња Јохан Кројф, поранешниот член на Реал Мадрид и Тотенхем со многу комплименти зборуваше за довчерашниот македонски капитен.

– Секогаш кога Пандев ќе дојде во контакт со топката веднаш нешто се случува на теренот. Навистина, прекрасен играч, додаде Ван дер Варт, кој за холандската репрезентација одигра 109 натпревари, а по завршувањето на кариерата во 2019 година стана професионален играч во пикадо.