Портпаролот на Министерство за надворешни работи на Кина, Ванг Венбин денеска изјави дека властите на Холандија треба да престанат со наративот за „кинеска закана“.

– Холандските власти треба да го напуштат менталитетот од времето на Студената војна и да престанат да шират наратив за кинеска закана, изјави Ванг.

Неговата изјава е одговор на вчерашниот извештај на холандската Генерална служба за разузнавање и безбедност (АИВД), во кој се наведува дека Кина и Русија се најголема закана за националната безбедност на Холандија.

Пекинг е важен трговски партнер на Холандија, но претставува најголема закана за холандската економска безбедност, наведува АИВД во годишниот извештај.

Во извештајот се наведува дека мети на Кина се холандските високотехнолошки компании и институции, потоа преземање на корпорации, академска соработка, како и нелегитимна (дигитална) шпионажа, инсајдери, тајни инвестиции и нелегален извоз.