Пекинг ќе продолжи да соработува со Иран и да го поддржува Договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на средба со неговиот ирански колега Мохамад Џавад Зариф.
– Кина ветува дека ќе заземе објективна, фер и одговорна позиција и ќе продолжи да работи за зачувување на Договорот, рече Ванг по состанокот со Зариф.
Сепак, Ванг не посочи како одлуката на Вашингтон за повлекување од Договорот, ќе влијае врз кинеските трговски и инвестициски планови во Иран.
Пекинг и Техеран се договорија да ја прошират својата трговија до 600 милијарди долари, откако беа укинати санкциите кон Иран во 2016 година.
Иран е и дел од кинескиот план за создавање трансконтинентална трговска и инфраструктурна мрежа. Кина во четвртокот отвори железничка линија до Иран, што за многумина е порака дека двете земји ќе продолжат да ја прошируваат меѓусебно трговија.
Зариф во саботата вечерата отпатува на турнеја низ земјите кои го потпишаа нуклеарниот договор пред три години, со исклучок на САД, кои во вторникот објавија дека ќе се повлечат од него.
Во првата етапа на турнејата Зариф го посети Пекинг, по што денеска заминува за Москва, а утре ќе престојува за Брисел на средба со шефовите на дипломатиите на Германија, Велика Британија и Франција и со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
Во пресрет на посетата на Зариф на Брисел, ирачкиот заменик-министерот за надворешни работи Абас Арагчи порача дека европските земји имаат 60 дена за да гарантираат дека интересите на Иран ќе бидат заштитени во рамките на нуклеарниот договор, по повлекувањето на САД.
– Европејците имаат 45 до 60 дена, за да ги дадат потребните гаранции за заштита на интересите на Иран и надоместување на штетата предизвикана од излегувањето на САД, изјави Арагчи на седница на Комисијата за надворешна политика на иранскиот Парламент.
Ова е првпат официјален Техеран да спомене одреден рок за давање гаранции од останатите потписници на нукеларниот договор.
– Ако Европејците не дадат гаранции, лидерите на земјата ќе треба да донесат неопходни одлуки, додаде иранскиот дипломат.