По две години поминати во Втората македонска фудбалска лига, играчите на Вардар предводени од тренерот Бобан Грнчаров се враќаат во елитата.
Денеска на стадионот во Кавадарци во баражот „црвено-црните“ го совладаа Скопје со убедлив резултат 3:0.
Скопје во регуларниот дел од сезоната во ПМФЛ го освои 10 место и овој меч беше шанса да се обезбеди опстанок, но составот на Мирсад Јонуз не ја оствари целта и се сели во понизок ранг.
На денешниот меч водство за Вардар донесе Дарко Размоски уште во третата минута, а проблемите за Скопје се зголемија по црвениот картон на Миле Тодоров кој фрли факел кон трибината каде што се наоѓаа „Комити“, по што беше исклучен од главниот судија Александар Ставрев.
Оваа предност на теренот Вардар ја искористи за уште поголема позитива преку Размоски кој вторпат стрелаше во 49 минута, а конечниот епилог го постави Дарко Глишиќ од слободен удар во 60 минута.