Околу 20.000 протестирачи излегоа на улиците на Палма де Мајорка во огромна демонстрација против масовниот туризам, пренесува Ал Џезеира.
На протестите во неделата се бараа промени во туристичкиот модел кој, според демонстрантите, штети на шпанскиот медитерански остров.
Под слоганот „Да го смениме курсот и да поставиме граници на туризмот“, демонстрантите формираа море од шарени знамиња и транспаренти додека се движеа низ најпосетуваните улици на градот. Демонстрацијата беше најновата во серијата протести против масовниот туризам во Шпанија.
„Вашиот луксуз, нашата беда“, пишуваше на еден транспарент. На друг транспарент пишуваше: „Ова не е туризмофобија, туку бројки: 1.232.014 жители, 18 милиони туристи.“
Протестите беа организирани од околу 80 организации и социјални групи кои сакаат да се постават ограничувања на прекумерниот туризам на Балеарските Острови, чии главни три острови се Мајорка, Менорка и Ибица.
Тие велат дека сегашниот модел на туризам ги оптоварува јавните служби до крајна граница, штети на природните ресурси и го отежнува пристапот до домување за локалното население.
Организаторите тврдат дека на протестот учествувале 50.000 луѓе, додека полициските проценки укажуваат на бројка поблиску до 20.000 учесници.
Минатата година рекордни 17,8 милиони луѓе ги посетија Балеарските Острови, како од Шпанија, така и од странство. Се очекува бројот на посетители оваа година да биде уште поголем.
Масовни протести низ трите главни острови на архипелагот се одржаа на крајот од мај, на кои многу илјадници демонстранти излегоа на улиците да бараат мерки за ограничување на прекумерниот туризам под слоганот: „Нашите острови не се на продажба“.
– Од практична гледна точка, тоа е легитимна економска активност. Но како економска активност, таа треба конечно да се регулира на ист начин како и хотелите, рече архитектот и експерт за урбанистичко планирање Хозе Марија Езкијага, кој за јавната телевизија ТВЕ изјави дека верува дека туристичките станови за изнајмување треба да бараат одобрување од локалните здруженија на станари.
– Локалните сопственици на имоти треба да бидат оние што ќе ги постават правилата на играта и ќе одлучуваат дали одредени правила се прифатливи или не, рече Хозе Марија Езкијага.
Мануел де ла Кале, експерт во областа на туризмот и бизнисот, рече дека воведувањето туристичка такса може да биде дел од решението.
– Тоа е едно од можните решенија што може да се применат. Тоа нема да го намали приливот на туристи, но ќе генерира ресурси кои може да се насочат кон управување со туризмот или други начини за помош на локалното население, рече тој за ТВЕ.
М.П.
ФОТО: Франс Прес