Во 60-та година од животот, вчера во родната Струмица, ненадејно почина новинарот Марјан Јанев.

Роден е на 20 февруари 1962 година, основно и средно образование завршил во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов во Скопје и во гимназијата Јане Сандански во Струмица.

Со висок успех и на восхит на своите колеги, но и на професорскиот кадар, Јанев ги заврши Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Својот професионален ангажман Јанев го остварува во Македонското радио, во најголем дел во Трета програма, се до заминувањето во предвремената пензија. Зад него стојат бројни прилози посветени на актуелни општествени теми.

Како вљубеник во пишаниот збор, тој зад себе остави и една книга со поезија. Јанев посебно се ангажираше и во Сојузот на слепите на Македонија за подобрување на општетсвената положба на лицата со оштетен вид. Тој беше пионер во употребата на компјутерска технологија за користењето на Брајовото писмо.

Погребот на Марјан Јанев е денеска во 13 часот на Градските гробишта во Струмица.