Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска, по повод барањето на претседателот на Македонија Стево Пендаровски до Вселенскиот патријарх Вартоломеј да ја признае Македонската православна црква (МПЦ), дека постои начин да се разговара за тоа и оти „скратени патишта“ не придонесуваат за добрите односи меѓу двете земји.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Дачиќ потсети дека неколку пати зборувал за тоа дека е можно да се разговара за односите меѓу двете земји, но дека не е можно да се зборува на државно ниво за областа на религијата и црковните заедници кои имаат свои правила.
-Ние сакаме да биде постигнат договор, но сигурно мора да ги почитуваме правилата на Православната црква, а исто така очекуваме и од Васеленскиот патријарх да биде на таа страна, како што се изјасни против создавањето на т.н. Црногорска православна црква, изјави Дачиќ, одговарајќи на прашања на новинарите во Белград.
Провладините „Вечерни новости“ со наслов „Удар на СПЦ од Скопје: провокација наместо дијалог“, пишува дека барањето упатено до седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул „е нова иницијатива на Скопје надвор од древните правила во православието за постигнување независност на својата црква, која од нејзиното основање во 50-тите години од минатиот век работи како расколничка организација“.
-Во оваа жива дипломатија меѓу Скопје и Фанар, оние кои се запознати со глобалните православни трендови ја препознаваат намерата на Македонија да го искористи конфликтот меѓу Цариградската и Московската патријаршија за украинското црковно прашање и во атмосфера на меѓуправославни тензии да постигне црковна независност. Сепак, Руската црква повеќепати го повтори својот принципиелен став дека прашањето за стекнување независност на црквите мора да се реши само според канони, што во овој случај значи – со учество на Српската православна црква. За СПЦ и целиот православен свет единствена канонска црква во Македонија е автономната ПОА, предводена од архиепископот Јован (Вранишковски)“, пишуваат Новости.