На фестивалот Млад отворен театар вечер ќе биде изведена првата од двете претстави кои годинава гостуваат од Хрватска – „Младина без бог“ на ЗКМ и „Монтажстрој“ во режија на Борут Шепаровиќ, во Младинскиот културен центар од 20 часот.
Според најавата на организаторот, „Младина без бог“ е жестока и предупредувачка претстава која покажува „стравотно мрачна и застрашувачка слика за делата на младите генерации, антихероите на СТЕМ-револуцијата, кои изгубиле вера во Европа и нејзините хуманистички вредности, а веруваат во профит, гејмерската индустрија, сајберуниверзумот и смртта“.
На малата сцена на Националната опера и балет од 22 часот Битолскиопт театар ќе ја изведе „Бакхи“ од Еврипид на српскиот режисер Игор Вук Торбица.
-Меѓу преостанатите и зачувани трагедии на Еврипид, „Бакхи“ се издигнува поради неколку тематски и формални причини, но можеби најважна е таа што Бакхите ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ и нашето цивилизациско сознание: моќта на раскажување приказни, се наведува во најавата.
На МОТ вечер од 18 часот е и првиот придружен настан во програмата – работилницата за специфична локација „Orbis Pictus – Оди и види“. Ќе се одржи во Железничката зграда (спроти Градежниот факултет) која на ова издание на МОТ е промовирана во нова фестивалска сцена.