Земјотрес од 3,5 степени според Рихтеровата скала вечерва беше регистриран во централна Босна и Херцеговина, а најмногу го почувствуваа граѓаните на Зеница, јавија тамошните медиуми.

Како што е соопштено од Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, епицентарот бил 57 км северозападно од Сараево, кај местото Локвине, на длабочина од 10 км. Интензитетот на земјотресот изнесувал 5 степени според Меркалиевата скала и бил силно почувствуван.

Како што јавуваат локални медиуми од Зеница, потресот кој траел неколку секунди бил силно почувствуван, а луѓето во паника истрчале од објектите на улица. Во некои делови на градот снемало и струја. Потресот бил почувствуван во сите места во централна Босна, како и во Сараево.

Последниот земјотрес во Зеница се случи во февруари оваа година со интензитет од 2,7 степени. Зеничани паметат низа потреси од 2012 година кога најсилниот изнесуваше 4,7 степени по Рихтер.