Велика Британија ќе издвои 18 милиони фунти во следните три години за борба против ширење дезинформации и лажни вести во источна Европа, како и за јакнење на независните медиуми во Западен Балкан.

Целта е со тие средства, се наведува во соопштението на Форин офисот, да се поддржи слободата на изразување во земјите од Западен Балкан и да се креира избалансирана, непристрасна содржина.

Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант во врска со тоа истакна дека во ситуација кога само 10 отсто од светската популација има пристап до слободни медиуми, лажните вести и дезинформациите продолжуваат да ги поткопуваат и дестабилизираат општествата.

Со овој фонд ќе се поддржат новинарите кои работат во некои од најрепресивните општества и ќе ја зајакнат борбата против лажните вести.

Во Лондон утре почнува дводневна гобална конференција посветена на слободата на медиумите, на која меѓу главните теми ќе биде заштита на новинарските права, борбата против лажни вести… Хант вели дека негова цел е со колегите да постигне договор околу начинот на кој ќе се заштити слободата на медиумите и која цена ќе се плати во случај на злоупотреба.

На конференцијата ќе учествуваат делегации од над 100 земји и меѓународни организации, 60 министри и над илјада новинари.