Британската премиерка Тереза Меј денеска ќе ја предупреди Владата дека Обединетото кралство ќе треба да се подготвува за Брегзит и без договор доколку до 1 декември не биде постигната согласност со ЕУ, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на владин претставник.

Се очекува Меј да им порача на министрите дека доколку не го поддржат нејзиниот предлог за Брегзит нема да се случи планираната средба на лидерите на ЕУ на која треба да се одобри договорот за излегувањето на земјата од Унијата.

Кабинетот ќе треба да одлучи во следните седмици дали Брегзит без договор ќе биде главното сценарио за излегување од Унијата, изјави за „ФТ“ неименуваниот владин претставник. Тој истакнал дека 1 декември е датумот кој се споменува.

Друг владин претставник рекол дека последната недела од ноември и првата од декември се сметаат за „црвената зона“ кога ќе бидат донесени тешки одлуки за напуштање на ЕУ без договор.

Весникот наведува дека и доколку во ноември биде постигнат договор со ЕУ, подготовката за напуштање на Унијата без договор ќе продолжи, затоа што тој треба да биде одобрен од парламентот во декември, а Владата не е сигурна дека ќе ги обезбеди неопходните гласови за тоа.