Британската премиерка Тереза Меј, во последниот обид да ја обезбеди поддршката меѓу пратениците од Конзервативната партија, изјави дека планира да ја напушти функцијата пред парламентарните избори во 2022 година.
– Таа рече дека нема да се кандидира во 2022 година, изјави конзервативецот Алек Шелбрук.
Меј се обрати на Комитетот 1922, орган задолжен за внатрешната организација на Конзервативната партија пред гласањето недоверба, покренато од противниците на договорот кој таа го постигна со ЕУ за Брегзит.
Во моментов, тројца членови на Комитетот 1922 ги пребројуваат гласовите на конзервативците, по што ќе следува одредена независна верификација пред соопштувањето на резултатите.
Меј останува на чело на Конзервативната партија, а со тоа и на британската Влада, откако синоќа го „преживеа“ гласањето недоверба, при што 200 пратеници и дадоа поддршка, а 117 беа против.
Нејзе и беше потребно просто мнозинство за да остане лидер на Конзервативната партија, односно 159 од 317 гласови на конзервативците. Според британските закони, една година по гласањето доверба, не може повторно да биде поднесена иницијатива за разрешување од партиската функција.
Меј се соочи со гласање доверба, откако 48 пратеници од нејзината, Конзервативна партија, предадоа писма на претседавачот на Одборот на партијата, во кое инсистираат на такво гласање.
Меј, пред гласањето изјави дека планира да ја напушти функцијата пред парламентарните избори во 2022 година.
По гласањето на кое ја доби поддршката, Меј рече дека „значителен број колеги“ гласале против неа, но инсистира на тоа дека „треба да се продолжи со задачата за спроведување на Брегзит согласно гласањето“.
– Политичарите од сите страни треба да се здружат и да дејствуваат во национален интерес, изјави Тереза Меј во обраќањето на Даунинг стрит.