Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кој денеска во Кривичниот суд сведочи за настаните од 27 април лани, негираше дека има СМС комуникација со кои давал наредби за случувањата од тој ден.
– Ниту сум помислил, ниту сум кажал некому да ги отвори вратите во Собранието, истакна Вељаноски, во одговор на прашање поставено од обвинениот Никола Митревски – Кољо.
Додаде дека не дал налог пратениците да ја отворат вратата и оти не знае дали некој друг дал таква наредба.
– Како претседавач ми беше важно согласно Деловникот да започне и да заврши седницата и да биде избран претседател, рече Вељаноски.
Според него, сегашниот спикер Талат Џафери е избран спротивно на собранискиот Деловник бидејќи ја прекинал седницата и нејзиното продолжение било закажано за утредента во 11 часот.
Во сведочењето пред судот, посочи дека на тој ден ја прекинал собраниската седница во 18 часот по што се качил во неговиот Кабинет каде останал до крај. Одбил да биде евакуиран во специјална соба за евакуација.
Сведочеше дека околу 17:50 часот станало напнато во собраниската сала по што му испратил порака на Горан Ѓошевски – Леви, кој му бил лично обезбедување 9,5 години, да влезат заедно со началникот на внатрешното обезбедување на Собранието во собраниската сала и да ја смират состојбата доколку дојде до искрење.
Тогаш не знаел дека Ѓошевски не е во Собранието бидејќи неговата мајка имала здравствени проблеми. Кога се качил во Кабинетот, со порака повторно го побарал Ѓошевски. Кога овој дошол, побарал од него, да седи и да го обезбедува пред Кабинетот.
Најголем дел од случувањата, според Вељаноски, се случувале пред Кабинетот каде на секои две минути се слушале шок бомби и имало обиди за насилно влегување. По околу еден час, Ѓошевски му рекол дека не можат да ги спречат демонстрантите, а во моментот кога Вељаноски излегол да ги праша што бараат, Ѓошевски паднал и останал без свест по што интервенирале екипи на Брзата помош.
Министерството за внатрешни работи е надлежно за внатрешното и надворешното обезбедување на Собранието и треба да го одреди бројот на лицата што вршат обезбедување. Претседателот на Собранието може да му дава наредби само на личното обезбедување. Кој ги отворил вратите ќе си утврди судот. Не сум дојден овде да давам констатации, потенцира поранешниот претседател на Парламентот Трајко Вељаноски на денешното сведочење во Кривичниот суд за настаните од 27 април минатат година.
Во одговор на прашање на обвинетиот Александар Василевски Нинџа, Вељаноски истакна дека немал можности да се пробие до Сала 3 за да им помогне на нападнатите пратеници бидејќи имало толпа пред неговиот кабинет и се слушале шок бомби. Негираше дека му наредил на пратеникот Сашо Василевски да ја отвори вратата, и дека комуницирал со Билјана Бришковска Бошковски, тогашната заменичка министерка за правда.
Вељаноски негираше и дека комуницирал преку неговиот шеф на обезбедување Горан Ѓошевски-Леви.
– Пораката бидете на штрек му ја пратил на Ѓошевски во 17:48 врз основа на искуството и побарал да го информира внатрешното обезбедување на Собранието, а одговорот од Ѓошевски „Сите знаат и од МВР“, значела дека веројатно мислел на началниците од внатрешното обезбедување на Собранието, посочи Вељаноски во одговор на прашања од судот.
Вељаноски гледал на телевизија како се тепаат пратеници но, како што кажа, за редот во Собранието се грижи МВР. Рече дека не се јавил кај никого, бидејќи мислел дека тоа е надлежност на внатрешното обезбедување.
На прашање дали се грижел само некој да не седне на неговото место, Вељаноски рече дека не може било кој да седи на тоа место оти ја претставува институцијата.
Попладнево по паузата треба да сведочи Милунка Јованоска, како сведок на обвинетиот Горан Ѓошевски-Леви, а потоа и Зијадин Села, сведок на Абдулфета Алими.