Бројката од 250.000 посетители на музејската поставка, од над 120 земји од светот, и преку 20.000 потписи во книгите за впечатоци го потврдуваат квалитетот на поставката за која досега немало ниту една негативна реакција
Сведоци сме на најбескрупулозната идеолошко-политичка пресметка со науката и современата научна мисла во 27 годишната историја на Република Македонија. Структурите на СДСМ, обидувајќи се по секоја цена да ги оправдаат безумните капитулантски политики на нивната Влада, вчера имаа крајно смешен и очајно неуспешен обид за манипулација и извртување на елементарните објективни факти за и во постоењето на еден од најуспешните Музеи во Република Македонија, НУ„Музеј на македонската борба за државност и самостојност“„Музеј на ВМРО“ „Музеј на жртвите од комунистичкиот режим“ или скратено Музеј на македонската борба, вели Роберт Вељановски, претседател на Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
– Го избришаа името, јазикот и идентитетот, а сега ја бришат и историјата. ВМРО-ДПМНЕ, најостро се спротивставува на ненаучното, паушално и дилетантско толкување на македонското културно историско наследство. Прво, ВМРО-ДПМНЕ одговорно тврди дека составот на оваа група е тотално некомпетентен да оценува историска поставка. Имено, споменатата група се состои од членови кои се археолози, конзерватори, етнолози, галеристи, и само еден историчар со недоволни референци за оценување на историска поставка за 19 и 20 век. Заеднички именител на членовите на групата е дека, безмалку сите, биле активисти на шарената револуција. За разлика од нив, историската поставка во Музејот на македонската борба е создадена од 4 еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти за 19 и 20 век. Истата поставка, по нејзиното конципирање е потврдена и од поголема група универзитетски професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Македонската академија на науките и уметностите и Институтот за национална историја. ОВАА ИСТОРИСКА ПОСТАВКА Е РЕЗУЛТАТ НА 75 ГОДИШНИТЕ ПРОУЧУВАЊА НА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИСКА НАУКА. Највредните, автентични музејски предмети кои се наоѓаат во поставката на Музејот на македонската борба се донација од граѓани на Република Македонија и наши иселеници од дијаспората, кои своето семејно наследство му го довериле на Музејот. Каква порака Групата за ревизија им испраќа на овие и на сите идни донатори на артефакти, прашува Вељановски.
Тој натаму продолжува:
– Второ, поставката на Музејот на македонската борба е модерна, научно поткрепена и мултимедијална презентација на историјата на македонскиот народ и сите заедници кои живеат во Република Македонија. Ваквиот тип на музејски презентации е хит во последните години во Европа, а восочните фигури стануваат речиси неизбежна алка во презентацијата. Таков е примерот со најновите три музеи во Република Хрватска. Поставката на Музејот на македонската борба беше препознаена од најеминентни европски музеолози и стручњаци од Европската музејска академија, кои на музејот му доделија Специјална награда за достигањата и ентузијазмот во зачувувањето на локалната историја и култура, во Бурса во 2013 година, додава тој.
Вељановски потсетува на бројката од 250.000 посетители, од над 120 земји од светот, и преку 20.000 потписи во книгите за впечатоци го потврдуваат квалитетот на поставката.
– Како потврда за изнесените недокажани инсинуации за наводно вознемирување од постановката како пример ќе посочиме дека ниту еден од 250.000 посетители, до сега немал забелешки на постановката, ниту пак некој од нив се пожалил дека поради поставените сцени во постановката почувствувал или пак му била предизвикана било каква вознемиреност. Трето, посочуваме дека за објектот на Музејот на македонската борба не се води никаква судска постапка, туку постапка се води за подземната гаража. ВМРО-ДПМНЕ посочува во блиска иднина постапките на членовите на работната група за ревизија Музејска дејност и нивните наредбодавци ќе бидат предмет на ревизија и истрага, а секоја незаконитост ќе биде кривично процесирање согласно степенот на уништувањето на материјалните и нематеријалните културни добра на Република Македонија, вели Вељановски.