Темелно ќе се разрешува неодамна отворената дилема – афера околу (не)правилно доделување на огромни средства за социјална помош.
-Социјалните инспектори се на терен и рачно ќе го проверуваат секое поединечно барање за социјална помош и социјална пензија, вели техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, за Макфакс.
Првичното вкрстување на базите со податоци на Министерството за труд и на Министерството за внатрешни работи покажало 2.252 незаконски исплати оти лицата што добиле помош или социјална пензија имале возила на свое име иако условот е да немаат возила.
-Инспекторите сега проверуваат дали наодите од вкрстувањето на базите ќе се совпаднат со хартиената документација, која задолжително треба да ја имаат центрите за социјална работа. Со оваа проверка ќе се утврди и чија е вината за незаконски исплатените средства, дали се во базите на податоци или кај корисниците оти и тие имаат обврска да ја пријават секоја промена што би настанала по добивањето помош од државата. Манипулацијата е системска, најверојатно се вклучени повеќе лица и токму поради тоа го правиме вонредниот инспекциски надзор. Физички ќе се оди во секој од 30-те центри и нашите очекувања се дека постапката ќе трае најмалку два месеца, рече техничкиот министер Велковски.
Проверките се почнати во скопските центри, каде што вкрстувањето на базите покажа најмногу злоупотреби. Во Скопје техничкиот министер Велковски извести дека се регистрирани 714 злоупотреби, во Куманово 235, во Прилеп 229, а во другите центри бројката на злоупотреби е под 100.
Неговите претпоставки се дека се работи за милионски суми имајќи превид дека месечно на корисниците им се исплаќаат околу 270.000 евра.
Тврдењата на Велковски ги демантира доскорешната министерка Јована Тренчевска, која во техничката влада е дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика. Таа тврди дека до сега во секој случај во кој е утврдено дека корисникот дал лажни информации за поседување имот, правото на социјална заштита му се укинувало и го враќал паричниот надоместок.
Извор: Макфакс