Имиграциската служба на Венецуела соопшти дека во САД е екстрадиран бизнисменот Алекс Саб, близок соработник на поранешниот претседател Николас Мадуро.

Саб е уапсен во февруари во Каракас во рамките на заедничка операција на на венецуелските и американските власти.

Саб би можел да им обезбеди на американските власти информации поврзани со обвиненијата против Мадуро. Поранешниот венецуелски претседател и неговата сопруга Силија Флорес во јануари беа приведени во Каракас и префрлени во Њујорк, каде што се обвинети, меѓу другото, за тероризам и трговија со дрога. Двајцата ги негираат обвиненијата.

Тоа е втора екстрадиција на 54-годишниот Саб во САД. Во 2020 година, тој беше приведен во Капо Верде на пат кон Иран, а една година подоцна беше предаден на американските власти по обвинение поврзано со перење пари во вредност од стотици милиони долари. Во 2023 година, администрацијата на тогашниот американски претседател Џо Бајден го ослободи Саб во размена за американски државјани затворени во Венецуела.