Обвинителството на Венецуела соопшти дека издало налог за апсење на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо и дека ќе побара помош од Интерпол во неговото приведување.

-Обвинителите беа назначени „да издадат налог за апсење против него и да побараат помош од Интерпол за тој да плати за своите злосторства, рече обвинителот Тарек Вилијам Сааб. Гуаидо кој живее во егзил во САД, беше обвинет за предавство, узурпација на функции, перење пари и здружување со цел да се изврши кривично дело, рече официјалниот претставник.

Венецуелскиот обвинител посочи дека „Гуаидо ги користел ресурсите на ПДВСА (јавниот нафтен гигант) за да предизвика загуби близу или поголеми од 19 милијарди долари“.

Владата вели дека имала 27 различни истраги за Гуаидо во тек, но ова е првпат да бара негово апсење.

Поранешниот претседател на Националното собрание, Гуаидо се самопрогласи за „привремен претседател“ на Венецуела во јануари 2019 година, откако го оспори реизборот на претседателот Николас Мадуро во 2018 година.

Тврдењето на Гуаидо доби поддршка од десетици земји, вклучително и САД кои усвоија серија санкции против Каракас, вклучително и ембарго на венецуелската нафта.

Кон крајот на минатата година венецуелската опозиција формално ја прекина неговата функција како вршител на должноста претседател.