Верица Недеска (1978 година, Охрид), е од оние актерки кои, без многу надворешна наметливост, знаат да му дадат тежина и човечност на ликот што го играат. Нејзиниот професионален пат се движи меѓу филмот, театарот и авторската работа, а животот и кариерата долго време помеѓу Скопје и Прага.

Дипломирала актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а потоа се дообразувала и на ФАМУ во Прага, каде што се стекнала со магистерска диплома по сценарио. Како актерка има остварено низа филмски меѓу: „Медена ноќ“ на Иво Трајков, „Караула“ во режија на Рајко Грлиќ, „Бал-Кан-Кан“ на Дарко Митревски, „Трето полувреме“ (режија: Дарко Митревски), „Сестри“ на Дина Дума, „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „М“ на Вардан Тозија…

Последниве години повторно е особено присутна и на македонската театарска сцена. Во „Кататонија“ (режија – Васил Христов), на Македонскиот народен театар беше дел од актерскиот ансамбл, а со Игор Ангелов ја игра и камерната дуо-драма „Љубовни писма“, според текстот на Алберт Рамсдел Гарни.

Токму сега пак, вниманието е насочено кон „Три сестри“на Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, каде што Недеска ја толкува Олга. Претстава, со која МНТ ја отвора сезоната 2026/2027-ма, ќе ја има премиерата на 25 септември.

Со Верица Недеска, разговараме за Олга и новото читање на „Три сестри“, за актерството, пишувањето и режијата, за животот меѓу Прага и Скопје…

По дваесетина години на релација Прага–Скопје, кој беше моментот кога сфативте дека повторно треба да се „закотвите“ овде?

-Од секогаш верував и се уште верувам дека не е случаjно каде се раѓаме. Изборот за мојата „пловна траса“ Прага-Скопје – Охрид, беше природен след на некои животни околности, кои ме ставија на мојата одисеја. Но јас никогаш не заминав за да не се вратам. Дваесет години бев на релација Македонија-Чешка, поточно дваесет години на вода. Сидрото го фрлав, но копното на кое сакав да се вратам беше едно.

Живеењето во Чешка беше незаменливо патување и искуство кое не би го менувала за ништо. Таму созреав не само како уметник и мајка, туку пред сè како човек. Благодарна сум што можев да ги погледнам некои работи од дистанца, а од друга страна, што можев да запознаам од блиску и една друга култура и една друга свест, други луѓе и навики. Но, љубовта кон мојата Итака никогаш не ме напушти. Македонија од секогаш беше моето единствено копно.

Постои ли нешто од чешкиот пристап кон уметноста што се обидувате да го „пренесете” овде, а не наидува секогаш на разбирање?

-Делото е поважно од нашето его. Овде повеќето сè сфаќаат лично, се уште се пишуваат „крстови“, се уште луѓето се одмаздуваат, судат, бираат страни и спремни се да го жртвуваат делото во име на егото. Таму од старт знаеш на што си, додека кај нас, по пат учиш каде ти е местото. А тој вид на учење знае да боли. Другата разлика е во тоа што таму знаат да ги почитуваат и искористат до крај своите стручни лица, луѓе од кои треба да се земат искуства и знаење. Високо ги вреднуваат и го прават тоа системски, додека овде сето тоа е герила.

Тука најчесто луѓето критиката ја сфаќаат како навреда, како да сакаш да им го присвоиш -извитопериш делото, а не го гледаат потенцијалот на истата. Ретко кој од уметниците овде навистина сака да чуе што мислите. Постои некој генерален страв од процесот на пробување и проверка, од вистинско слушање. Овде се уште квалитетот не е вредност. Поголема вредност е кој со кого и кому што му е.

Тука за жал туѓото ни е секогаш помило од нашето. Чуден е тој табиет. „Не јади, да има за гостите“ е главниот наратив кој го живееме. Додека таму системски се вложува во своите луѓе, во своите приказни, се има стратегија за уметноста и свест дека во неа лежи идентитетот на една нација.

Што мислите дека македонскиот театар најмногу се плаши да каже гласно? 

-Не мислам дека македонскиот театар се плаши да зборува гласно. Еве во моментов сум дел од еден „дрим-тим” во Македонскиот Народен Театар, како една од сестрите во претставата на фантастичната Нела Витошевиќ. Текстот „Три сестри“ на Васил Христов и Нела Витошевиќ, според истоимената пиеса на Чехов е доказ за вредноста и силата на контекстот за кој зборуваме преку театарот.

Оваа претстава е современа и храбро ги посочува работите кои не засегаат денес како човештво. Искрениот, детален и бескомпромисен авторски израз на Нела, која е позната по тоа дека делото ѝ е секогаш на врвот, храбро влегува во секоја пора на општеството во кое живееме.

А што ни недостига повеќе: добри текстови, добри продуценти или храброст?

-Пред се, добри продуценти, а кога би имало добри продуценти ќе се испродуцираат и добри и храбри текстови и дела. Кај нас најчесто продуцентството се сведува на организациска задача, а во суштина е исклучително креативна област. Продуцентот треба да биде таткото на проектот е зачнувачот, човекот со визија.

Дали малата македонска културна сцена е предност затоа што сите се познаваат или проблем затоа што сите се познаваат?

-Не гледам ниту како на предност, ниту како на маана. Така е како што е. Кога ќе погледнеш пропорционално и во поголемите средини, културните сцени се мали и речиси сите се познаваат. Особено што станува збор за јавни професии каде, ако не денес, утре ќе се сретнете на некоја од сцените, на некој од фестивалите, во публика…

Јас верувам дека функционирањето во мали средини може да биде предност, доколку сме спремни да го напуштиме лицемерието и доколку сме спремни да бидеме искрени едни со други. Доколку не ги сфаќаме критиките лично, туку како мотивација за напредок. Процесот на учење и развивање не престанува. Важен е индивидуалниот пристап на секој и важен е односот кој го градиме со тие што соработуваме – во континуитет, а не колку е голема или мала средината.

Некои улоги остануваат со актерот долго откако ќе заврши снимањето. Која улога најдолго ве следела приватно?

-Со завршувањето на снимањето, улогата завршува за мене. Во зависност од емоционалниот или физички предизвик и напор на секоја од нив, се разбира дека ми е потребно некое време за „полнење на батериите“, но во принцип со одигрувањето на улогата, завршува и нејзиниот живот во мене. Но, факт е дека телото и духот имаат потреба од нега. Знаете, снимањето филм е исклучително тешка психо-физичка работа. Копате ровови, само што рововите не се видливи во појавноста.

Кога снимате филм, публиката ја замислувате подоцна, во кино. Во театар, публиката дише со вас во реално време. Која од овие две „публики” повеќе ве плаши?

-Нема тука страв. Има возбуда, адреналин, размена, а не страв. Публиката е клучен дел за да има сцена. Самата одлука да излезеш на сцена или да се појавиш на платното е своевидно потпишување космички договор за размена помеѓу актерот и публиката која дошла да гледа. Без публика, нема театар, нема филм.

Секоја нова појава на сцената или на платното е ново раѓање на мини живот во ова што го викаме вистинскиот живот. За мене публиката е најдобриот и најискрениот партнер, а не судија. Публиката е огледалото во кое се одразува креацијата без его илузиите на уметникот.

Што ви овозможи режијата и сценаристиката да кажете, што актерството не можеше?

-Сценаристиката и режијата даваат можност вие да сте раскажувачот. Тоа подразбира своевидна слобода, но правопропорционално на тоа и поголема одговорност. Актерот е секогаш во позиција да „чека“ да биде избран. Тој е дестилатот на тој процес – отелотворување на идејата на авторот.

Актерството е исклучително искрена и чиста позиција и пресудна карика во целиот процес, но не може да влијае во одлуките за финалниот производ. Актерството е прекрасен тренинг за препуштање, додека режијата и сценаристиката прекрасен тренинг за контрола. Балансот на овие две улоги е она што во суштина вистински ме интересира и возбудува.

Ако утре добиете целосна слобода да снимите филм  без никакви финансиски или продукциски ограничувања, за што би зборувал?

– Би зборувал за „обичниот“ човек и неговото патување кон изворот.  За потребата да се припаѓа, за љубовта, за сестринството, за мајчинството.

Дали постои улога за која сè уште чекате да дојде вистинското време?

-Не чекам ништо и не знам дали постои вистинско време за одредени улоги. Тоа што треба се случува. Постојат концепти и визии и во тие концепти и визии или се вклопуваме, или не. Верувам дека можам да бидам многу интересна Лејди Макбет, Медеја, Нора Хелмер, Хеда Габлер, МајкаХраб рост, Велика… Во принцип, од секогаш многу повеќе ме интересирала целината, содржината и што сака авторот да каже, отколку одреден лик.

Која е најголемата заблуда за актерите?

-Дека по дифолт се екстроверти.

Олга (од „Три сестри“) сонува за Москва, но со текот на времето станува јасно дека можеби повеќе го сака сонот отколку самата Москва. За што денес сонува Верица и дали сè уште верува во тие соништа?

-Сонувам уметноста да може да ја разбуди свеста на луѓето. Ова е и мојата цел, затоа и го работам ова што го работам, целосно предадена на оваа мисија, најискрено и колку што ми дозволува талентот, околностите и умешноста во дадено време и место. Верувам дека уметноста е тука за да буди, да освестува и да лекува.

Олга избира да остане и да издржи. Дали вие денес би останале таму каде што не сте среќна, од чувство на должност?

– Прашањето е кој е концептот на должност? Јас верувам дека вистинската должност е секогаш да ја избираме среќата, над улогата на жртва која се крие позади концептот должност.

Имате две деца. Дали некогаш детски поглед или прашање на ваше дете ви отворил поинаква перспектива за лик на кој работите?

– Во секој нивни поглед и со секое нивно прашање, наоѓам инспирација за ликовите  кои ги работам. Моите деца ги гледам како совршени учители кои несомнено влијаат врз мојот професионален развој и пристапот и перспективите на тоа што го работам. Би сакала да можам да бидам уште повеќе перцептивна за сите нивни генијални насоки кои свесно или несвесно ми ги посочуваат.

Посакувате ли некое од нив да тргнат по вашите стапки?

-Посакувам да ја одат својата патека и да изберат професија што ќе ги исполнува, што ќе ги прави среќни, професија во која ќе можат да растат како луѓе со вистински вредности и свест.

Ако млада актерка денес ве праша дали да остане тука или да замине како вас некогаш, што би ѝ рекле?

-Да го направи тоа што ѝ вели срцето.

„Ќе дојде време кога ќе разбереме зошто живееме“, вели Чехов. Дали вие денес мислите дека треба да го разбереме животот за да можеме да го живееме?

– Една зен изрека вели: Ние му се случуваме на животот, а не тој на нас. Кога ќе го разбереме ова, ќе разбереме и зошто живееме.