На светот денеска му недостига идеализам, а кога велам идеализам немислам на утопија, туку мислам на право, на правда, на морал, на етика, истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова на денешната средба со членките на Советот за женско претпримништво во Битола.
Низ интерактивен разговор со членките на Советот, формиран од Општина Битола, Силјановска Давкова говореше за актуелните состојби во светот, улогата на жената и предизвиците во глобалното опкружување.
-На светот денеска му недостига идеализам, а кога велам идеализам немислам на утопија, туку мислам на право, на правда, на морал, на етика… а, за релизмот?! Секој ден не убедуваат за реал политиката, но последиците се дарвинизам и тоа е срамно за човештвото затоа што не се прави грев со чинење, туку и со нечинење, со гледање…утре ќе праша некој каде бевте кога овие нешта се случуваа. Етиката, моралот, принципите и вредностите мора постојано да се бранат и спојуваат, нагласи Силјановска Давкова.
Претседателката Силјановска Давкова порача за надминување на проблеми се повеќе простор да се дава на културната дипломатија.

-Гледам многу разочарани луѓе одат во потрага по среќа низ светот, заради тоа што се случува во војната меѓу Русија и Украина, но и во Газа, во Ормутскиот Залив. Најстрашно е кога ќе ве соочат со здрав разум бидејќи војната раѓа гнев, а последиците се долги. Затоа ние имаме обврска, а културната дипломатија е по поплодна и посилна, почовечка од традиционалната дипломатија. Подобра е мировната или превентивната дипломатија, отколку реактивната дипломатија, рече меѓудругото Силајновска Давкова.
Освен претседателката Силјановска Давкова, гости на денешната средба со членките на Советот за женско претприемништво беа градоначалникот Тони Коњановски и претседателот на Советот на Општина Битола Бојан Бојковски. (МИА)




