Во Македонија стана невозможно да се живее поради огромниот раст на трошоците и катастрофалното управување со економијата од страна на Владата на Христијан Мицкоски, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, при денешната посета на Струга, , се наведува во соопштението од СДСМ кое МИА го пренесува интегрално.
На средбите граѓаните ги споделуваат своите секојдневни проблеми, пред сè поврзани со животниот стандард, семејните финансии и растот на цените, рече Филипче.
„Синдикалната кошничка за само еден месец е зголемена за речиси 1.000 денари. Кога ќе се додадат трошоците за кирија за просечен стан или ратата за станбен кредит, таа достигнува близу 90.000 денари. Во Македонија стана невозможно да се живее со криминалната власт предводена од Христијан Мицкоски“, рече Филипче.
Тој предупреди дека огромната економска и финансиска криза, предизвикана од лошото управување на власта, во следниот период дополнително ќе се продлабочува.
„Во последниот објавен квартал од 2026 година има само 18 милиони евра странски инвестиции, во споредба со 250 милиони евра во времето на владите на СДСМ. Тоа е еден од најјасните показатели дека државата економски тоне“, истакна Филипче.
Дополнителен товар за граѓаните е најавениот нов заем од 1,3 милијарди евра, кој ќе го отплаќаат идните генерации.
„Поради промашените проекции и огромната дупка во Буџетот, Владата повторно ја задолжува државата. Новите задолжувања не се користат за развојни проекти што ќе создадат економски раст, туку за покривање тековни трошоци и исплата на плати“, рече претседателот на СДСМ.
Во услови кога работниците и семејствата не можат да врзат крај со крај, Филипче ја повика власта да го поддржи предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата на 600 евра.
„Тоа е најмалку што власта може да го направи за луѓето чиј единствен приход е минималната плата. Истовремено, потребно е да им се помогне на компаниите и приватните бизниси, за зголемувањето да не претставува дополнителен товар за нив. Затоа предлагаме субвенционирање на придонесите за делот од зголемувањето на платите“, порача Филипче.
Мицкоски не е на списокот државници кои ќе се сретнат со Трамп
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Струга рече дека премиерот Христијан Мицкоски не е на објавениот список на државници и функционери кои ќе остварат средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Гледаме огромна делегација во посета на САД, за која, според нашите информации, брои над 50 луѓе. Граѓаните имаат право да знаат кој ги плаќа високите трошоци за ова патување. Денеска е објавен списокот на државници и функционери со кои ќе се сретне претседателот Трамп, а Христијан Мицкоски не е на тој список“, рече Филипче.
Тој посочи дека американската администрација добро знае какви политики спроведува Владата на Мицкоски.
„Очигледно е дека американската администрација добро знае дека Христијан Мицкоски предводи Влада која внесува кинески пари во земјата, спротивно на нашите заеднички интереси со стратешкиот партнер Соединетите Американски Држави. Оваа власт ја поткопува демократијата и воспоставува контрола врз медиумите преку руско-српските врски“, истакна Филипче.
На тој начин, нагласи претседателот на СДСМ, не се води држава и не се исполнуваат обврските кон стратешките партнери – Европската Унија и САД.
„Еден од показателите за нарушените односи е тоа што, за првпат од осамостојувањето, Америка ја намали воената помош за нашата земја“, рече Филипче.
СДСМ




