Еве ти јади кокошки сега, се слуша на видеото кое е објавено на социјалните мрежи и поради кое реагираат од Анима мунди.

На видеото е прикажано лице кое со гумено црево го удира кучето кое квичи.

За снимката алармираа од Анима Мунди, посочувајќи дека на Фејсбук ја поставил жител од Радовиш. Бараат институциите да постапат, во спротивно најавија кривична пријава до јавното обвинителство.

-Сам си го објавил на социјалните мрежи за да се пофали, со неговиот монструозен начин на дресура. Ова е кривично дело класично мачење и малтретирање, немаме информација дека институциите презеле нешто досега, околу објавеното видео, меѓутоа се надевам дека нема да чекаат некој да пријави, туку по самото видео, по самата објава каде го имаме човекот со име и презиме дека ќе покренат постапка и дека ќе биде гонет кривично и дека ќе добие најстрога казна, што е 6 месечен затвор според кривичниот законик, вели Гизела Бошковска од Анима мунди.

Велат, за да има се помалку вакви случаи, потребно е конечно да се донесе законот за заштита на животни кој што е во собраниска процедура од 2016 година. Но, кога ќе биде донесен инситуциите и да го спроведуваат.

-Ние можеме да го имаме најдобриот закон на свет, ако нема кој да го спроведува, ако ние се јавуваме во полиција и не сака да постапи, зошто тоа било куче или било маче или пак АХВ на пријави за неодговорно сопствеништво ни враќа дека пријавата е неоснована, без воопшто да излезе да постапи и да провери дали е основано, џабе ни се сите закони, велат заштитниците на животните.

Полицијата го расчистила случајот со тепање на куче во радовишко. На 01.02.2023 околу 14.00 часот во Полициска станица Радовиш е пријавено дека на социјалната мрежа Фејсбук на страна на здружение за заштита на животни е објавена видео снимка на која се гледа тепање на животно – куче, со употреба на тврд предмет, од страна на С.Т. од с.Ораовица.

Од страна на полициски службеници веднаш се преземени мерки, лицето е пронајдено, со него е извршен службен разговор и преземени се сите потребни активности, при што е утврдено дека наведените дејствија се извршени пред повеќе години и констатирано е кривично дело „мачење животни“ по член 233 од Кривичниот законик.

Во координација со Јавен обвинител од ОЈО Радовиш, против лицето ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Видеото може да се отвори ТУКА.