Бледиот настап на министерот Венко Филипче на вчерашното негово гостување на еден национален медиум и повеќе од доволно покажува дека тој и самиот нема идеја што сака да постигне со тендерот за стерилизација, освен да воведе монопол на стерилизацијата во здравството. И нормално парите на граѓаните да завршат во нечиј џеб, идните 15 години.

Ова го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на денешната прес-конференција.

– Тендерот вреден над 13.700.000 евра уште во првиот момент е сомнителен за јавноста и тие нејаснотии мора да бидат расчистени. Филипче како доктор со искуство треба да е свесен дека околу ваквиот начин на стерилизација се поставуваат неколку односно многу важни прашања на кои Министерството треба да одговори пред воопшто да го започне овој процес, кој секако ќе биде на штета на пациентите, на здравствените работници и нормално на буџетот на државата, односно парите на граѓаните. Филипче да одговори ако се централизира и регионализира службата, што ќе се случи со вработените кои веќе работат во постоечките служби за стерилизација дали ќе бидат дислоцирани или ќе влезат во составот на некоја регионална служба за стерилизација, и кој им гарантира дека тие воопшто ќе останат да работат на истото работно место, рече Арсовски.

Тој запраша што ќе се случи со постојните вработени здравствени работници и помошен персонал?

– Дали ќе останат на своите работни места или ќе има отпуштања и преместување на работници од една во друга институција, односно од еден во друг град, каде што ќе биде регионалниот центар? Тендерот по овој терк е планиран да воспостави монопол во наредните 15 години за стерилизација на клиниките. Дали се свесни Венко Филипче и СДСМ дека со овој принцип на централизирано стерилизирање постои можност да се доведе до прашање здравјето на граѓаните, кое е најважно во овој здравствен систем? Планирано е целата опрема што ќе се стелизира да се превезува до клиниките и болниците со возила и оттука нормално постои можност дополнително да има инфицирање и бактерии на инструментите. Експертите коментираат дека на овој начин неколкукратно односно до 5 пати ќе се зголеми цената на стерилизацијата, сето тоа ќе падне на товарот на граѓаните, а услугата нормално нема да е ништо повеќе од сега, односно ќе биде само полоша. Уште еднаш апелираме Филипче да се преиспита и да го повлече тендерот и веднаш потоа да си поднесе оставка, и да ги спаси граѓаните од неговите погрешни политики во здравството, рече Арсовски.

Арсовски одговори и на новинарското прашање: Дали се согласува вашата партија со ставот на ДУИ, на Артан Груби поточно да има испитување – тест на сите функционери, носители на јавна функција?

Апсолутно дека се согласуваме. Практично ние тоа и го побаравме вчера. Се согласуваме, мора да се расчистат сите дилеми околу конзумирањето на такви наркотични средства, како што тоа во јавноста излезе случај со пратеникот Павле Богоевски, којшто е носител на јавна функција, и е гласан од граѓаните, односно поддржувачите на СДСМ на тие избори, одговори портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.