Тешка сообраќајна несреќа се случила синоќа во Црна Гора, откако автобус со околу 90 ученици кои се враќале од екскурзија удрил во карпа на магистралниот пат Мојковац – Колашин. Во несреќата се повредени пет лица, од кои едно потешко.
Според првичните информации, од околниот рид се одронил материјал и паднал на коловозот. Возачот се обидел да го избегне одронот, но предниот десен дел од автобусот удрил во карпа.
Тешко е повреден водачот на патувањето, кој, според информациите на „Вијести“, се здобил со скршеница на карлицата и повреда на пршлен на ‘рбетот.
Поради сериозноста на повредите, тој итно бил пренесен во Клиничкиот центар на Црна Гора. Останатите повредени првично биле згрижени во болницата во Бијело Поле.
Меѓу четворицата полесно повредени се и тројца ученици од Подгорица.
Во автобусот имало околу 90 ученици. По несреќата, дел од нив биле пренесени кон Подгорица со возила на приватни превозници, додека за останатите бил обезбеден друг автобус од агенцијата која ја организирала екскурзијата, објави МИА.
Неколку родители пристигнале на местото и лично ги презеле своите деца.
Возачот бил алкотестиран и, според неофицијалните информации од полицијата, не бил под дејство на алкохол.
За несреќата бил известен и државниот обвинител во Бијело Поле. Надлежните утврдуваат како дошло до несреќата и ги проверуваат сите околности на случајот.




