Во ТВ емисија „24 Анализа“ вечерва гостуваше претседателот на комисијата за транспорт и врски на СДСМ Благој Бочварски, кој призна дека трасата на автопатот Кичево- Охрид не била промашена со што директно е потврдено дека долг период јавноста беше манипулирана.
– За Кичево – Охрид, да се согласувам дека не била промашена трасата. Можеби тоа е терминологија која што се употребуваше не од СДСМ, туку од граѓаните и од медиумите, а можеби била преземена од некои од СДСМ, рече Бочварски.
Долг период низ медиумите владејачката гарнитура на СДСМ континуирано укажуваа дека „изградбата на автопатот Кичево – Охрид доцни и дека не може да се продолжи со работа токму поради промашена траса“. И премиерот Зоран Заев лично од собраниска говорница тврдеше дека владата не може да продолжи со изградба на патот заради грешка во трасата.
– Не може бандитските работи на автопатите криминално да ги продолжиме заради тоа што мора да знаат граѓаните дека цела траса е промашена на автопатот Охрид – Кичево, проектот и она што е вистинската траса. Не може да не знаат граѓаните дека тоа што претставува нерешени имотно – правни односи заради провизијата, брзајќи да се реализира нанесува огромни штети врз Република Македонија и врз буџетот на граѓаните на Република Македонија, тврдеше Заев.
Ова признание за тоа од каде се шират лажните вести, белки ќе им ја олесни работата на владините служби кои градат платформи за борба против фејкњус во Македонија.