Најмалку пет лица загинале, неколку десетици се повредени во катастрофалниот пожар што беснее од двете страни на Атина, јавуваат агенциите, и наведуваат дека е затворена делница од 20 километри на два автопати кои го поврзуваат Пелопонез со централна Грција.
Како што информираат грчки медиуми, се трага по 10 дански туристи, кои исчзнале откако бегајќи од пожарот влегле во чамец и се упатиле во непознат правец.
Граѓаните бегаат од домовите, евакуирани се детските летни кампови, а над Атина паѓа пепел и небото е со чад со валкано портокалова боја, наведува Асошиејтед прес.
Првиот пожар вчера избил во борова шума во планината Геранеја во близина на крајбрежната населба Кинета на 50 км западно од Атина, на подрачје помеѓу главниот град на Грција и Коринт. Против огнената стихија на копно се борат 150 пожарникари, а пет авиони и седум хеликоптери кои фрлаат вода им помагаат од воздух.
Напорите на пожарникарите ги отежнува силниот ветар кој често го менува правецот.
Во пожарите се уништени куќи, прекинати се главни сообраќајници, железнички транспорт. Очевидци тврдат дека има многу изгорени куќи источно од Атина. Вчера доцна попладне, голем пожар избил и северо-источно од Атина, пренесуваат хрватски медиуми, а во гаснењето на пожарот била ангажирана и војската. Властите распоредиле повеќе од 200 пожарникари и 60 противпожарни возила низ Грција.
Поради катастрофалниот пожар од Мостар синоќа итно во Грција се врати грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој ја прекина посетата на Босна и Херцеговина.